Иво Пецов е уметник, роден во Македонија, но твори во Бугарија. Во својата изложба, „Подрум“ тој засегнува интересна тема за психичкиот простор, во кое човек складира чувства, желби, емоции. Заборава за нив, а тие си седат… Колку што време е потребно. Во разговор со него, тој успева да ни раскаже. Каков е тој „подрум” и каква вредност носи …
Што ве инспирира во градењето и замислата на концептот за една изложба? Дали започнува од една слика и останатите доаѓаат од само себе, или прва е темата?
Кај мене инспирацијата доаѓа од полето на моите трагања, перцепции и од перспективата на која гледам кон постоењето и реалноста. Таа реалност ја пресоздавам таква, каква што ја разбирам. Приоѓам со многу отворени прашања кон нејзината таинственост, во која живееме и со јасното разбирање, дека целосното и сеопфатно осмислување на човекот и вселената е недостижно од егото, кое ја формира нашата перспектива на осознавање. Така, како што квантните физичари, проследувајки го мислено квантот, самите прескокнуваат преку причудливите форми на реалностите, така и јас скокам во темите и стиловите на изразување, и сето тоа можеби e обид за бегство од одреденоста на моето материјално постоење и ограничувањето во материјата.
Одредениот концепт ги обединува изразните средства, за да ја акцентира перцепцијата од изложбата. Првично кај мене се јавува потребата да изразам свое разбирање и поглед кон според мене важно прашање, потоа со конкретни изразни визуелни средства се обидувам тоа разбирање да го предадам на гледачот, и со тоа да ја остварам комуникацијата. Конкретно, сликите од мојата изложба, насловени како „Подрум“, ги создадов како едно цело, како едно дело, бидејки во таа целосност го барав ефектот и силата на влијанието. Во почетокот се јави мојата идеја да го изразам своето гледиште, а потоа формите, линиите, боите и зборовите, со кои би ја насочил перцепцијата. Темата сама од себе се има јавено како нешто неопределено и апстрактно, пред да биде конкретизирана и наречена.
Мислите ли дека промената на локацијата го актуелизира и освежува творечкиот процес?
Одредени места, во кои можеме да се најдеме во определен период, можат да ни подејствуваат и да отклучат интересни асоцијации и да предизвикаат по ликовен начин да изразиме нешто од нашиот внатрешен свет. Така и просторот на галеријата „Арт 36“ ми ја отклучи можноста да изразам мое гледиште, да ја направам врската меѓу едно конкретно физичко место и едно друго место, кое се наоѓа во внатрешниот свет.
Создавајки ги делата, насликав мноштво тегли, кои ги полнат површините на сликите и создаваат фон и амбиент во кој се развива дејството. Тие дела се создадени, за да си содејствуваат со нивното опкружување. Создадени се да не бидат одделени од просторот, во кој се наоѓаат, а да комуницираат со него и смислено да го променуваат. Мноштвото и трупањето на симболите, кои се јавуваат како содржина на исликаните тегли, се како разните мисли кои се раѓаат непрекинато во нас. Тие симболи, затворени како содржини во теглите, се како нашиот стремеж да ги зачуваме за долго време избраното и посакуваното од нас, да го конзервираме, скриеме и да го чуваме за некој нареден момент, во кој што ќе можеме да го изразиме и конзумираме.
Особено ми се допадна и оној интересен момент, дека човек треба да мине неколку скалила надолу, за да го открие малиот, но компактен простор на галеријата. Тоа беше фактот и условите, кои исто се стремев да ги вклучам, за да ја засилам смислата на претставената тема.
Дали станувате позатворен додека сликате? Како се одвива вашиот процес?
Јас сум од луѓето, кои сакаат да остануваат сами, а и цртањето за мене е интимен момент. Некои мои колеги преферираат да се секогаш во друштво и така да ги создаваат своите дела, но за мене е многу важно во творечкиот процес да избегнам од туѓото присуство и влијание, за да можам да го слушнам својот внатрешен глас и да го воочам мојот правец на делување од сето останато. Често се случува, во за мене клучни моменти, да останам во потполна тишина. Откако ќе си ја зададам насоката останува техничката реализација и стремежот да ја пресоздадам мојата идеја возможно нај убедително. Го правам тоа, колку што сум способен.
Вашите дела како да говорат метафорично за животот… Значи ли дека човечката состојба е подобро опишувана со овој приод?
Уметноста и животот се неразделни поими. Уметноста е начин со кој животот се изразува себе. Уметноста во себе го содржи животот, до толку, до колку не го определува и дефинира, туку го потсилува загадочното и таинственото, кое е одлика на животот. Затоа поетскиот приод, според мене, во секое едно творештво содржи најмногу полнота и длабочина.
Мојот начин на изразување и приод е стремежот преку комбинација од конкретни форми или загатнати силуети, симболи, бои да го воведам гладачот кон раширување на перцепцијата за предложената тема. Тие комбинации и асоцијации го создаваат, како што вие се изразивте, „метафиричниот говор“ на моите дела. Секој човек на еден или друг начин ја индицира својата духовна состојба – преку неговиот начин на живот и трагите, кои ги остава зад себе или она кое го нарекуваме уметност. Понекогаш, кога луѓето имаат блиски разбирања и доживувања во животот, можат да ги разберат пораките, кои ги испраќаат помеѓу, преку оставените свои траги.
Живееме во време, во кое се замаглени разбирањата за естетиката – за различни луѓе идеалот за убавина се покажува како коренито различен. Тоа се случува кај луѓе, кои и покрај тоа што се од едно семејствоедно, држава или религиозна вероисповест. Се покажавме како острови секој сам за себе си, во едно отуѓено општество, во кое има само една несвесна вера - егоистичниот материјализам. Ги создадов овие творби точно за тоа, за да потсеќаат за илузијата, која ни се насадува постојано преку мас-медиумите и напаѓањето на нашите мозоци од реклами, за тоа, дека имаме потреба од едно, од друго и трето. Се пробав да го претставам апсурдот на нашето совремие, со идејата за потсетување за ефектот од тоа - раширувањето на „внатрешниот подрум“.
Каде се наоѓа среќата, ако подрумот значи отфрлиме желба?
Пробав да го визуелизирам трупањето и складирањето на желбите, мечтите во човечкиот внатрешен – психички простор, со налик на подрум. Сите тие содржини, за чие што значење говорат симболите во сликите, се всушност складирани, зачувани, не исфрлени. Имено ги чуваме, затоа што веруваме, дека можат да ни донесат среќа, затоа што уште не сме способни да ги исфрлиме. Тоа е светот на илузијата, вовлечена од надворешниот свет преку повторувањето, преку рекламирањето, преку несвесното наше превоспитување од конзуматорското општество. Чудно е, кога човек разбере, дека неговите мисли всушност не се негови мисли, неговите радости, всушност не се негови радости, а дека се е подложно на програмирање… вистината е, дека човек поседува многу малко, дури помалко, одошто претпоставувал.
Од мојот агол на гледање, среќата се наоѓа во секој чекор кон осознавањето, без разлика дали чекорењето по тој пат е пропратено со болка или не. Средството, кое што го користам, за да се движам по тој пат, е цртањето и јас во тоа ја наоѓам среќата.
Големината на подрумот, обратнопропорционална ли е на човечката среќа?
Во тој подрум постојат и страстите, и радостите, но тие се ветерничави, преминуваат како сенки, со нејасна и нереална силуета. Тоа е светот на постојано видоизменливата илузија која преминува, за која што ем знаме, ем се надеваме, дека кога ќе ја фатиме ќе ни ја донесе среќата… и тоа, се разбира, никогаш не се случува. Останува само постојаното вртење во круг за догонување на нештото, кое секогаш успева да ни избега.
Всушност нема ништо лошо во таа содржина на подрумот, но димензиите што цели да ги постигне се заканувачки, тогаш веќе би збореле, дека живееме целосно во нашиот подрум, наместо на нашите врвови.
Всушност, подрумот потсвест ли е или се состои од свесно запоставени работи?
Тоа се нашите желби до некаде вкусени, а други само посакани. Тоа се местата или состојбите, во кои што човек не успеал да престојува и затоа ги зачувал за некогаш во иднина. Тоа е потиснатото неизживеаното, кое го бара својот излез и начин да се манифестира, да избувне и еруптира како вулкан, нешто кое долго се таело во недрата на подрумот.
Дали човек тотално ќе се промени ако заживее во подрумот? Опасно ли е тоа за свеста?
Накрајот би рекол, дека ние всушност си живееме во нашето подземје и ако ни се допаѓа така, може така и да си продолжиме. Нема да е толку страшно ликовните уметници да продолжат да одат на изложбите на своите колеги и да го претставуваат основниот дел од публиката, нема и да е толку страшно писателите да одат на промоциите на книгите на своите колеги, како и музичарите да ја слушаат нивната музика, додека останатите престојуваат во местата на нивните скапо платени задоволства. Светот е доволно широк и голем, за да може да ја поднесе глупоста на секој.
Софија, 28.05.2018