Изложбата која се отвора во галерискиот простор на Coshare HIVE/ КОШЕРa (бул. 104 Симеоновско Шосе, Софија), на 22 јуни 2017 година од 19:30 часот, е составена од ликовни дела на Иво Пецов. Ретроспективниот карактер на изложбата се должи на изборот од дела, кои изведени во различни уметнички техники, ги откриваат различните уметнички пориви на авторот во различни временски периоди. Селекцијата од делови на различни тематски циклуси има за цел да го покаже најкарактеристичното од индивидуалните ликовни трагања. Како производ на своето креативно патување, авторот создал творби со црн акрилик и акрилни слики на хартија или маслени слики на платно. Во потрага по различна експресија на делата, како и различен експресивн набој, дошол до техниката на акварелот. Изложбата, која зборува целосно преку сликарски техники, претставува лично креативно патување низ различните предели на човечката сензибилност.
- На изложбата имам претставено 26 дела создадени во периодот од 2011 до 2016 година. Од изложеното можете да добиете претстава за она што ме инспирирало во текот на овие 5 години и на што обраќав внимание. Тое е периодот во кој се имав вратено да живеам во Софија, по едногодишна пауза во 2010 година (кога ги имав моите скитања - умствени и физички). Навистина делата многу често ја преземаат улогата на неформален дневник, во кој авторот го остава својот печат од моментни состојби, разбирањето за себе и светот наоколу. Така, овие дела, кои со текот на времето го преземаа и се повеќе го стеснуваа мојот животен простор, ме предизвикаа да размислувам за ваква изложба, преку која би споделил, како што велат - добро или лошо.
Имаше периоди во кои барав подлабоко значење во ликовните симболи, преку кои сакав да ја искажам својата филозофска или човечка позиција, во други дела, јас едноставно дозволив мојот дух да се изрази преку моите раце, обидувајќи се да не се мешам во процесот со интензивна умствена активност. Тогаш, од самосебе беа создадени моите поапстрактни дела, чие главно средство за изразување беше бојата или линијата. Соодветно, за моите различни идеи, користев различни техники за изразување. Понекогаш упорно ја следев „видената“ идеја со денови или месеци, а во други случаи едноставно го демнев моментот на инспирацијата и делата се формираа во еден момент, без одложување. Создадов слики кои се испреплетени со индивидуалност, додека се обидов во доста од нив да вложам форма на објективност.