• English
  • Български
  • Македонски

Кураторот Иво Пецов ја претстави изложбата „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ пред публиката во Софија

На 18 април 2024 во галеријата на КИЦ на Северна Македонија беше отворена изложбата „Сликарството на Ликовната академија во Штип“, на која беа претставени ликовни дела од поранешни и сегашни студенти во оваа високообразовна институција.

Изложбата официјално беше отворена од проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Пред прогласувањето на изложбата за отворена, Н.Е. Агнеза Руси Поповска амбасадор на Северна Македонија во Бугарија им посака на присутните срдечно добредојде и ја најави содржината од официјалниот дел.

Д-р Иво Пецов, кој се погрижи за организацијата и селекцијата од ликовни дела, темелно ја запозна публиката со иницијативата за организирање на оваа изложба. Тој ги посочи етапите на организацијата и методологијата со кој се постигна крајниот изглед на изложбата.

Деканот на Ликовната академија проф. д-р Петар Намичев исто така се обрати кон бројната публика во македонскиот КИЦ во Софија, а откако изложбата беше официјално отворена, претставниците од Ликовната академија и Ректорот разменија свои контакти со претставниците од Националната Ликовна академија во Софија.

Позитивната и пријателска атмосфера, освен домаќините, ја создадоа и пријателите на КИЦ во Софија, културните дејци, ликовни уметници, музичари и македонци кои живеат во Софија.

 

***

18.04.2024 – КИЦ на РСМ во Софија

Желбата за поставување на оваа изложба се појави во минатата 2023 година, веднаш по потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Националната ликовна академија во Софија. Тогаш мојата идеја наиде на разбирање и прифаќање од страна на раководството на Ликовната академија во Штип, по што беше и одобрен проектот од страна на комисијата во македонското Министерство за култура, па така се стигна до сегашната фаза на реализација во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија.

Со работниот колектив во состав: деканот на Ликовната академија, проф. д-р Петар Намичев, заменик деканот проф. Јордан Ефремов, проф. д-р Слободан Милошески и проф. Јана Јакимовска стигнавме до согласност дека е потребно да бидат претставени квалитетите и доблестите на институцијата Ликовна академија во Штип, која постои веќе 11 години („Сл. весник“ 70, 16.5.2013 година). Имено имајќи ги во предвид овие 11 години постоење ми беше исклучително љубопитно самиот јас, кој сум од минатата година дел од наставничкиот колектив, да научам и видам што за овој период се има создадено во ателјеата на Ликовната академија во Штип.

Професорите од Ликовната академија во Штип, при доделувањето на улогата куратор на изложбата ми се доверија за нејзиното уредување, а беше изразено и мислење дека мојата селекција би била непристрасна и би можел да дадам еден страничен, објективен поглед кон досега сработеното. Тие исто така ми ги споделија и контактите со сите поранешни и сегашни студенти, а јас се зафатив со комуникацијата со нив, при што ги информирав за идејата, намерите и целите на проектот. Со оглед на тоа дека архивата на Академијата не можеше да биде искористена, заради нејзината непотполност, побарав од поранешните и сегашни студенти да испратат свои портфолија и предлози од ликовни дела кои ќе одговараат на одредени критериуми.

Во моето известување до нив имав наведено дека при селектирањето на делата, кои ќе влезат во изложбата, ќе се обрати главно внимание на владеењето на академските вештини во сликарството и цртежот. Во селекцијата ќе биде возможно да припаднат и дела на автори кои развиле свој посебен стил и уникатност во изразувањето, за чиј развој дала придонес Ликовната академија во Штип. Исто така, дека заради определување на концептот и карактерот на изложбата ќе е потребно да бидат претставени нивните најдобри остварувања, оние кои ќе бидат достапни да бидат изложени. Во врска со тоа, побарав тие самите да ги одредат оние дела кои ќе можат да ги отстапат за одреден период во оваа година, да бидат дел од изложбата.

Кон мојот повик за испраќање на понуди од сликарски дела одговорија еден дел автори и всушност јас направив селекција од сите автори кои ги испратија своите понуди, сите тие се дел од оваа изложба. Со оглед на тоа дека се работеше за ограничен избор од ликовни понуди, немав можност концептот да го изградам на база на жанр или специфична конкретна и карактеристична тематска линија, па изложбата стои доста отворено, во смисла на жанровска и тематска насоченост. Откако селекцијата беше извршена се констатира и опфатениот временски период на создавање на делата 2019 – 2023 година.

Лично сметам дека изложбата ги содржи едни од најквалитетните остварувања во Академијата, застапени се најкарактеристичните и препознатливи таленти – поранешни и сегашни студенти. Во делата, исто така, е јасно забележливо и влијанието од странските наставници, кои произлегуваат од уметнички средини со доста побогати традиции од областа на академското – високо ликовно образование.  

Осумте автори чии дела ја сочинуваат изложбата се: Александра Јеротијевиќ-Андреева, Бојана Тошевска, Вангел Крстиновски, Дејан Витанов, Ивана Ивановска, Крсте Тарабунов, Миа Ефремова и Мики Иванов. 

Изложбата поставена во галеријата на Културно-информативниот центар во Софија содржи во најголем дел дела од жанрот мртва природа, а исто така е застапен и жанрот автопортрет. Овие ликовни дела ги разоткриваат главните насоки и барани квалитети преку образовната програма „Класично сликарство“ на високообразовната институција. Останатиот дел од сликарски дела се дел од специфични задачи по одредени предмети и излегуваат надвор од рамките на академското третирање на формата и бојата на ликовното дело. Еден значителен дел од сликите се дипломски работи.

Проектот, кој во себе вклучува претставувања на изложбата во три различни градови – Софија во Бугарија, Виница и Штип во Северна Македонија, има за цел да го претстави квалитетот на ликовната обука во Ликовната академија во Штип и да ја афирмира истата во државата и регионот, да го претстави развојниот пат на креативните личности сврзани со институцијата.

Со вашето присуство оваа вечер имено се остваруваат поставените цели на проектот, за што сум ви исклучително благодарен! Благодарности на Министерството за култура на Република Северна Македонија за поддршката која ни ја даде, без која оваа изложба немаше да биде возможна. Благодарност на амбасадорката на Северна Македонија во Бугарија, Нејзина Екселенција г-ѓа Агнеза Руси Поповска, за искрената помош при организацијата. Благодарности до раководството на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, на чело со ректорот проф. д-р. Дејан Мираковски. Благодарности на раководството на Ликовната академија – Штип на чело со деканот, проф. д-р Петар Намичев, на заменикот декан проф. Јордан Ефремов и на целиот наставен колектив.

Д-р Иво Пецов