• English
  • Български
  • Македонски

Кураторот Иво Пецов ја претстави изложбата „Сликарството на Ликовната академија во Штип“ во Виница и Штип

Во галеријата на Домот на култура „Тошо Арсов“ во Виница, на 17 мај 2024, се одржа второто преставување на патувачката изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“.

Во улога на домаќин на изложбата Благица Стојановска, директор на виничкиот Дом на култура, ја поздрави присутната публика од најразлични возрасти – од ученици од виничките училишта и ученици од околните општини, заедно со нивните раководители, до претставници на пензионерското здружение во Виница.

Д-р Иво Пецов, кураторот на изложбата, се заблагодари на бројната публика, за нивното присуство и интерес кон настанот, и ги запозна со содржината на проектот и изложбата, а исто така ја потенцира важноста од предавањето на добрите квалитети во образованието и ликовната уметност. Доц. д-р Иво Пецов, како претставник на македонскиот КИЦ во Софија и Ликовната академија во Штип, кои се организаторите на настанот, заедно со домаќинот – Дом на култура во Виница, не пропушти да се заблагодари на македонското Министерство за култура, кое го потпомогна проектот.

Изложбата за отворена ја прогласи деканот на Ликовната академија во Штип, проф. д-р Петар Намичев, кој ги информира присутните за Фестивалот за ликовна уметност „Ликовна визија“ во Штип, во склоп на кој се случи и настанот во Виница, а исто така и ги запозна со дејноста и мисијата на Ликовната академија во Штип.

Отворањето во Виница помина во исклучителна и пријателска атмосфера, на задоволство на организаторите, но исто така и на посетителите.

Изложбата во Виница беше отворена до 27 мај, по што беше преместена за нејзиното финално преставување во Штип.

„Сликарството на Ликовната академија во Штип“ од 28 мај до 10 јуни 2024 година беше отворена за посетителите во „Галерија 22“ на Н.У. Центар за култура „Ацо Шопов“ во Штип.

Изложбата беше составена од сликарските дела на осуммина дипломирани и актуелни студенти во штипската Ликовна академија: Вангел Крстиновски, Бојана Тошевска, Мики Иванов, Миа Ефремова, Крсте Тарабунов, Ивана Ивановска,  Дејан Витанов и Александра Јеротијевиќ-Андреева.